Ракометарите на Вардар денеска ќе го дознаат името на противникот во полуфиналето од фајналфор турнирот од Лигата на шампионите, на ждрепката што ќе се одржи точно на пладне во Келн.

„Црвено-црните“ трета година по ред ќе бидат дел од завршниот турнир, а друштво сезонава ќе им прават Кјелце, Веспрем и Барселона. Историјата вели дека на овие турнири не постојат фаворити, што го докажа и Вардар пред две години, стигнувајќи до трофејот со сензационалните победи над ПСЖ и над Барселона.

Сите четири екипи во групната фаза беа дел од иста група, а Вардар има по една победа и пораз против Веспрем и Кјелце, како и два порази од Барселона. Без оглед на се, една работа е јасна како ден – овој Вардар нема страв од никого. Самиот пласман на Ф4 е чудо само по себе со оглед на огромните финансиски проблеми, што значи дека во Келн ќе се игра без притисок.

А тогаш Вардар е најопасен, го знаат тоа многу добро неговите ривали, без разлика дали ќе бидат од Шпанија, Унгарија или Полска.