Шестиот интернационален ракометен камп “Кирил Лазаров 7” кој требаше да се одржи оваа година од 19 јуни до 1 јули се откажува. Причината е една и единствена, пандемијата предизвикана од вирусот Kовид-19.

КМГ Спорт агенција како организатор се надеваше дека состојбата ќе се смири до стартот на кампот, но како што знаеме сите подобрување нема. Капитенот Лазаров кој е идеен творец на кампот и во изминативе 5 години континуирано беше со децата изјави:

“Императив секогаш е здравјето на децата. Почитувајќи ги препораките на надлежните кои забрануваат групирање на повеќе од 2 лица, одржувањето на кампот е невозможно. Секојдневно ја следевме ситуацијата и очекувавме смирување на истата, бевме подготвени и за поместување на датумот за месец јули… Но, за жал бројките го покажуваат спротивното, ризикот во оваа ситуација е недозволив. Знам што значи присуството за децата на кампот, со какво нетрпение го чекаат и секоја година му се радуваат. Ги поздравувам и се надевам дека следната 2021 ќе може повторно да бидеме сите заедно во името на ракометот.”

Оваа година беа пријавени над 400 деца од 14 земји на возраст од 7 до 18 години. Досега на кампот учествуваа преку 1500 деца, а лани го одбележавме пет годишниот јубилеј. На сите деца им посакуваме убав летен распуст и се гледаме следната година во Охрид.