Кристијан Грчевски и официјално е назначен за нов тренер на ракометниот клуб Бутел. Од клубот информираат дека досегашниот тренер Игор Котевски поради лични причини побарал соработката да биде прекината, поради што пред почетокот на сезоната одлучиле шанса да му дадат на неговиот помошник.

„По заминувањето на Котевски кое малку беше изненадувачко, управата се реши да ми ја додели функцијата прв тренер поради тоа што бев со екипата цела година, добро ги познавам играчите и секако поради довербата во мене и мојата добра работа. Амбициите се исти како и минатата година, односно најмалку повторување на успехот. Костурот на тимот останува ист, освен што се засиливме на голманската позиција и ќе пробаме да донесеме уште еден десен бек. Со дел од играчите сум играл заедно, а на дел од помладите играчи сум им бил тренер во младинските категории. Функцијата прв тренер е голем предизвик и си има своја тежина, моменти на одлука, но и голема возбуда. Ќе пробаме заедно со играчите да наметнеме еден нов систем, систем кои го играат врвните екипи и нормално ќе се обидеме Бутел Скопје да остане едно големо семејство, како што беше досега. На почетокот ќе ми биде напорно поради паралелните обврски со кадетската репрезентација, но се надевам дека ќе стигнам и двете обврски да ги извршувам професионално“, изјави Грчевски.