Селекторот на Македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров, денес го имаше првиот собир пред натпреварите со Финска и Швајцарија во пресрет на квалификациите за  ЕП 2022.

Лазаров  изјави дека нема да има опуштање иако сме свесни дека голем дел од работата за квалификациите е завршена , а желбата е со две победи да се заврши квалификацискиот циклус.

„Колку и да сме свесни дека во голема мера сме пласирани на ЕП, ние како стручен штаб нема да дозволиме опуштење. Ние сме победници и сакаме да победуваме, имаме голема желба, љубов, ентузијазам за работа и тоа ќе не води на секој натпревар. Максимално сериозно пристапуваме на овие два дуели и покрај тоа што нема многу време затоа што веќе утре заминуваме на пат за Финска. Но, искусни сме при едни вакви ситуации“ – истакна Лазаров

Селекторот на Македонија уште еднаш потврди дека оваа репрезентација има краткорочни и долгорочни цели кон кои се придржува.

 

„Кажав дека ние одиме секако на секој натпревар да победиме, тоа е важно за нас. Но, исто така, согласно долгорочните цели, одиме и преку секој одигран меч да создаваме и нови ракометари за иднината. Затоа што свесен сум дека на Европско првенство со краток ростер можеби физички ќе издржиме прв круг, но се понатака би било апсолутно тешко. Затоа одиме на проверка на што повеќе млади ракометари, и веќе од четврток ќе ни се приклучат и Павле Атанасијевиќ, Кукуловски и Цветановски, и ќе имаме 24 играчи кои ќе ќе мора да ги градиме за нашата ракометна иднина, иако сме свесни дека тоа воопшто нема да биде лесен процес“ – вели Лазаров.