На стартот од групната фаза на ЕХФ Купот, екипата на Магдебург дома го совлада тимот на Горење Велење, со резултат 32:26 (15:13).

Магдебург одлично го почна натпреварот и имаше константна предност од 4 до 6 гола, но при крајот на првиот дел успеа да загиби добар дел од предноста и на одмор замина со позитива од само два гола.

Во вториот дел се разигра екипата на Горење Велење, која за настап во групната фаза го елиминираше нашиот Металург. Словенечкиот претставник успеа неколку пати да израмни, а потоа и да поведе. Но, до сензација не дојде, затоа што Магдебург дополнително нагази и повторно ја врати својата убедлива предност.

Во тимот на Магдебург настапи и нашиот централен бек Филип Кузмановски, кој од многуте свои шанси реализираше само една.

Кај Магдебург најпрецизен беше Петерсон, со 9 постигнати гола, додека кај Горење се истакнаа Целминс и Бојаниќ, со по пет гола.

Во второто коло Магдебург ќе и гостува на екипата на Адемар Леон, додека Горење во Велење ќе ги пречека Нант и Кире Лазаров.