По двомесечна пауза продолжија натпреварите во машката ракометна Суперлига. Денеска се одиграни три средби од 15. коло, на кои по три бода освоија Металург, Тинекс Пролет и Пелистер.

Металург гостуваше кај фенерџијата Струга, но до победата не дојде без борба. Струга беше посебно мотивирана и дури го доби првото полувреме. Сепак, квалитетот и искуството на Металург беа пресудни за резултатскиот пресврт во второто полувреме.

Пелистер, пак, немаше никакви проблеми на средбата со вториот фенерџија – Работнички. Битолчани буквално го прегазија гостинскиот тим и ја остварија својата најубедлива победа во тековната сезона.

Проблем немаше и тимот на Тинекс Пролет, кој извојува висока гостинска победа против Радовиш. Скопјани својата победа ја заверија во второто полувреме, откако во првото имаа предност од достижни 4 гола.

Резултати:

РК Струга – РК Металург  24:29 (15:14)

РК Пелистер – РК Работнички  33:17 (19:10)

РК Радовиш – РК Тинекс Пролет  20:33 (12:16)

Утре, со почеток во 12 часот ќе се игра средбата меѓу вторите тимови на Вардар и на Металург, а колото ќе се комплетира на 4 март, со дерби средбата меѓу Бутел Скопје и Охрид.