Еурофарм Работник вечерва во Битола ќе го дочека Савехоф во рамки на 8.коло од Лигата на шампиони. Битолчани во овој меч влегуваат без притисок, откако ги загубија шансите за пласман понатаму во еминентното натпреварување. Тренерот Алушовски се соочува со голем број на повредени ракометари, но голманот Митревски вели дека и покрај тоа ќе се обидат да стигнат до победа и да ја израдуваат битолската публика.

„Сметам дека Савехоф доаѓа со блага фаворитска улога. Причината е тоа што имаме многу повредени ракометари и тоа веќе подолг период. Се забележува дефицитот во одбраната, немаме ротација и на тоа се должат убедливите порази минатиот месец. Нема да се предадеме, ќе излеземе да се бориме за секоја топка, да дадеме свој максимум и конечно пак да ја израдуваме битолската публика“, изјави Митревски.

Натпреварот меѓу Еурофарм Работник и Савехоф се игра денеска со почеток во 17:00 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.