Екипата на Магдебург покажа дека е најдобриот тим во групата „Ц“ од ЕХФ Купот. По четири одиграни кола, германскиот состав има максимален ефект и е на само бод од пласманот во следната фаза на ова второ по квалитет европско натпреварување.

За само 8 дена Магдебург по втор пат ја совлада екипата Нант, во која настапува нашиот капитен Кире Лазаров. Денеска тимот на Филип Кузмановски славеше со минимални 29:28 (16:12), но доволни за два важни бода. Пресуди резултатот од првото полувреме, додека во второто двете екипи играа со резултатски осцилации.

Лазаров повторно имаше скромен учинок од само два гола, исто колку и Филип Кузмановски во редовите на Магдебург.

Најефикасни играчи на средбата, со по десет голови, беа Дамгард Нилсен од Магдебург и Емерик Мине од Нант.

Во следното коло Нант му гостува на отпишаниот Адемар Леон, а Магдебург ќе си ја рпроба среќата во Велење, кај екипата на Горење.