Македонското лево репрезентативно крило од денеска и официјално е дел од црвено-црното семејство. Димитар Димитриоски ќе му биде директна конкуренција на Тимур Дибиров за првиот состав на РК Вардар во новата натпреварувачка година.

Димитриоски по пет години минати во Металург со кој го освои оваа сезона Купот на Македонија потпиша договор со РК Вардар на две години.

„Вардар секогаш сакал во своите редови да има млади, перспективни и не афирмирани ракометари. Тимот им дава шанса за напредување и за покажување на својот квалитет. Димитриоски не е само талентиран туку и квалитетен играч. Младоста е негова предност, и очекуваме истата посветеност со која и досега играше да биде негова препознатливост. Вардар ќе му даде шанса, и очекуваме дека истата ќе ја искористи. Пред клубот се нови предизвици и со новите сили заеднички да продолжиме со добрите настапи“. – изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар за официјалната клупска страна.