Европскиот ракометен првак Вардар е пред првиот домашен предизвик во ракометната Лига на шампиони. „Црвено црните“ во првото коло славеа на тешкото гостување во Франција кај Монпелје, а своето деби пред домашната публика Вардар ќе го има против португалскиот првак Порто.

На прес-конференцијата пред натпреварот во Скопје, прв за новиот тренер во Скопје, Писонеро истакна дека дуелот со Порто е многу важен, посебно по победата во Франција, која ќе биде залудна ако не се освои полн плен во Скопје.

„Не очекува дуел со Порто, многу важен натпревар. По победата со Монпелје во ЛШ каде освоивме значајни бода, ако не победиме со Порто, бодовите од првиот меч нема да се многу важни. Порто е една од најдобрите екипи во светот, игра седум на шест, препознатлива игра за нив и ќе мора да се навикнеме на тој стил. Ова ќе биде прв домашен натпревар во ЛШ, сакаме да победиме пред нашата публика. Имавме тежок натпревар против Металург во Суперкупот. Имавме две важни цели, првата да го освоиме трофејот, втората да ги сочуваме играчите“, изјави Писонеро.

И на овој дуел надвор од строј ќе бидат капитенот Стојанче Стоилов и Хозе Толедо кои подолго време влечат повреди. Натпреварот меѓу Вардар и Порто се игра во недела, во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 17:00 часот. Билетите се веќе во продажба и чинат 350 и 400 денари.