Новиот тренер на Вардар Давид Писонеро меѓу првите од тимот пристигна во Скопје пред почетокот на новата сезона, а за клупскиот сајт ги кажа првите впечатоци.

Иако комуникацијата засега е на англиски јазик, новиот тренер има сериозна цел, да го повтори она што неговите претходници веќе го направија – да научи македонски. Веќе повторува, прашува како се изговара некој збор.

„Книгата за учење е мој најдобар пријател сега. Се разбира дека ќе дадам се од себе побрзо да научам. Тоа е особено важно за добрата комуникација. Засега добро ми оди.“ – вели Писонеро.

Од македонската кујна веќе има омилени јадења и смета дека брзо ќе се вклопи во новиот начин на живот.

И кога салата во СЦ Јане Сандански не е полна се чувствува атмосферата, навивачкиот набој. Мирисот на двете европски титули го има низ сите ходници и соблекувални.

„Ова што тука го има Вардар е навистина извонредно. Го влегов во салата се возбудив. Го гледаш ова култно место. Се изгледа поинаку кога си тука, на терен, на клупата и горе го гледаш семафорот. Ракометот тука поинаку се доживува, се е посветено на овој спорт. Тоа е разликата со Шпанија“ – објаснува Писонеро.

Новиот тренер на европскиот ракометен шампион смета дека треба да се направат мали промени во тимот, но ќе се продолжи во иста насока.

СЕХА лигата и ЕХФ Лигата е главните предизвици за „црвено-црните”. Во СЕХА лигата тимот ќе биде во група со два нови тима, Мотор Запорожје и Татабања, заедно со Нексе, Татран и Војводина.

„СЕХА лигата секоја година се подобрува и станува многу силна. Тоа е добра основа за подготовка за ЛШ. Сега имаме и нови тимови како Веспрем, Мотор и Татабања и тие се добри. Има 8 екипи што секогаш можат да бидат во самиот врв. Затоа секој натпревар ќе биде интересен и неизвесен“ – вели Писонеро.

Во ЕХФ лигата на шампионите Вардар е во група со Веспрем, Кјелце, Мешков, Мотор, Монпелје, Порто и Кил.

„Во ЛШ ќе биде исто така неизвесно, можеби нема многу звучни имиња, но сите се подеднаков добри, доаѓа Кјелце, Веспрем, а тие играа на Ф4 турнирот. И Кил е голем клуб. Сите натпревари ќе бидат неизвесни и интересни“, смета Писонеро.