Екипите на Кил и Киелце кои се во група во Лигата на шампионите со македонскиот и европски првак Вардар одиграа супер-интересен дуел кој заврши без победник 30-30.

Во текот на сите 60 минути се играше гол за гол, а ниту една од екипите не успеа да направи поголема предност од два погодоци.  На полувреме гостите од Полска заминаа со предност од 14-15.

Кил беше на прагот на победа, затоа што на влезот во последната минута имаше 30-28, меѓутоа следеше техничка грешка, па гол на Кулеш, за 30-29. Додатен проблем беше и исклучувањето на Винчек. Во последниот напад на „зебрите“, на пет секунди пред крајот, промаши Зарабец затоа што Волф го прочита неговиот удар, а со звукот на сирената, стрелаше Душебаев на спротивната страна, за конечни 30-30.

Најдобар кај Кил беше Билик со седум погодока, Вајнхолд даде пет, а Екберг заврши со четири, додека кај Киелце, Кулеш и Душебаев имаа по пет, а Каралек заврши со три гола.