Успешната сезона и остварувањето на целта не остана не забележана од управата на Еурофарм Пелистер 2. Непосредно пред почетокот на плеј-офот, битолскиот клуб и тренерот Александар Јовиќ договорија продолжување на соработката.

Јовиќ денес потпиша договор на една сезона и ќе го води Еурофарм Пелистер 2 во сезоната 2021/22. Младиот тренер го внесе тимот во разигрувањето и тоа е голема награда за најмладата екипа во Суперлигата. Еурофарм Пелистер 2 со победа ја започна и 2021 година, бидејќи во првото коло на Купот на Македонија, во Битола падна Јехона.

Јовиќ изрази задоволство што ќе продолжи да работи со младите ракометари од битолскиот тим.

„Сакам да изразам благодарност до претседателот Зоран Стерјев и целокупната управа на ракометното семејство Еурофарм Пелистер за укажаната доверба и за продолжувањето на соработката. Голема благодарност што управата ни овозможи одличен тренерски тим. Тука мислам на Александар Зарков како мој прв соработник, Зоран Атанасовски, кондицискиот тренер Александар Марковски, физиотерапевтот Јован Боглев и Златко Вељановски како логистика. Имаме одличен тим и во следната сезона ќе ја оправдаме довербата и ќе работиме за добробитот на битолскиот и македонскииот ракомет“, вели Јовиќ.

Во рамките на првото коло на плеј-офот, Еурофарм Пелистер 2 утре гостува во Скопје против Вардар. Натпреварот почнува во 15:00 часот.