Ракометарите на Еурофарм Пелистер, утре му гостуваат на Кадетен Шафхаузен во натпревар од Европската Лига на ЕХФ.

Ремито од 25:25 во Битола со Кадетен е мотив плус за подобар резултат на ова гостување.

„Остваривме пет победи во низа и натпреварот против Татран ни беше многу важен, за да ја задржиме хемијата како досега. Верувам дека ќе издвојуваме добар резултат во Шафхаузен. Се подготвуваме добро, ги анализираме и знаеме дека не смееме да ги потцениме. Кадетен Шафхаузен е одлична екипа. Затоа мора да бидеме сите заедно, цел тим како едно и да се бориме за подобар пласман понатаму во Лига Европа. Натпреварот во Битола заврши нерешено, но ете имаме втора шанса и нам ни преостанува да се обидеме да им вратиме за тоа што го пропуштивме.“ – изјави Ненад Костески

Еурофарм Пелистер за овој натпревар остана без првиог голман, Хендави кој поради проблеми со визата остана во Скопје.

„Нема калкулации од наша страна. Патуваме во Швајцарија да дадеме максимум. На првиот натпревар ремизиравме и имаме нешто да им вратиме. Во одлична форма сме, имаме пет победи во серија и сакаме хемијата да остане на ова ниво. Имаме одличен колективен дух, одиме да се бориме до последниот атом од силите, па ќе видиме дали тоа ќе биде доволно. На првиот натпревар покажаа дека не се предаваат, играат до последната секунда. Независно колку е разликата во наша или нивна полза, не го намалуваат „гасот“ и даваат сè од себе. Ќе биде одличен натпревар и од наша и од нивна страна и се надевам дека ќе им вратиме за првиот натпревар.“ – изјави Мирко Радовиќ.