Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров,  беше тема на  „Уест Франс”  од Франција, за него говореа Раул Гонзалес, Никола Карабатиќ, Раул Ентрериос…

Сите потенцираат дека станува збор за човек посветен на спортот, ракометот но и семејството, тој е роден лидер, ќе биде  и добар тренер.

„Зборуваме за лидер на тренинзите и на натпреварите. Успеа во Атлетико Мадрид, Барселона и денес во Нант, тоа се врвни клубови, да го наметне својот квалитет, работа и карактер. Може да игра уште три-четири сезони, сигурен сум во тоа. Не сум сигурен дали тоа ќе го стори, но дека може да игра, сигурно може. Киро е поинаков од останатите ракометари, има одговор за сите ситуации. Ќе биде одличен тренер и ќе направи големи работи за Македонија – изјави Гонзалез.

Начинот на кој живее и посветеноста на ракометот за Никола Карабатиќ значат дека Лазаров може да игра уште неколку сезони.

„ Не ме изненадува што долго трае, тој се грижи за себе, максимално е посветен и тренира. Играв против него, ударот од далечина е негова силна страна. Тој е еден од најдобрите шутери во светот. Голманите имаат проблем со неговиот удар. Надвор од теренот е смирен, семеен човек и многу позитивен.

Слично размислува и Раул Ентрериос, според него Лазаров е играч кој голманите тешко го „читаат“.

„Четири години ја делев соблекувалната со еден историски ракометар за својот пат во Европа. Не сум изненаден за неговата долготрајност, бидејќи тактички тешко е клуб да пронајде така добар ракометар како Киро. За голманите е тешко да го прочитаат, подеднакво добро шутира и додава“ – изјави Ентрериос.