Нашата најдобра женска сениорска репрезентација утре на гостувањето против Шведска ги започнува квалификациите за ЕП 2020 година. По оваа средба ракометарките се враќаат во Скопје, во сабота ги чека нова средба, гостува селекцијата на Чешка.

РФМ одлучи да ги отвори вратите за квалификацискиот дуел, влезот ќе биде бесплатен.

„Ракометната федерација на Македонија ги известува љубителите на ракометот дека сениорската женска селекција во сабота (28.09.2019) во СЦ “Борис Трајковски” во Скопје, ќе го одигра вториот натпревар од квалификациите за ЕП 2020 против селекцијата на Чешка. Да дадеме поддршка на нашата репрезентација, натпреварот почнува од 18:00 часот, влез слободен“- објави РФМ.

Селекторот Симовски реши да ја подмлади репрезентацијата во пресрет на новиот квалификациски циклус, а јасно е дека на „црвено-жолтите“ ќе им биде неопходна поддршка од трибините доколку сакаат да ја изненадат Чешка.