Македонскиот ракометен репрезентативец, Борко Ристовски е првиот меѓу спортистите со реакција по изјавата дадена од премиерот Зоран Заев за бугарските медиуми.

Во „Вар во Офсајд“ голманот на Вардар 1961 непосредно по враќањето од Полска објаснува како се чувствува по информацијата која го дочека во Македонија.

„По враќањето од Полска ја затекнавме онаа изјава од премиерот Заев која нѐ остави во едно неверување, мене лично едно неразбирање и необјаснивост на она што еден човек, Македонец, треба да претставува и да ја претставува својата држава. Мислам дека таквите изјави се буквално антимакедонски, антиљубовни кон својата држава, кон својот народ. Изедначувањето на нашите борци со фашистичката окупација е апсолутна непочит кон својата историја и кон историјата на нашите предци, кои се бореле или изгубиле некој свој. Во најмала рака е нељубов кон својата држава и својот народ, се надевам дека ова лудило ќе престане.“ – вели Борко Ристовски во Вар во Офсајд.

„Кога настапувате за репрезентацијата, настапувате од љубов кон својата татковина и својот народ. Сум кажал многу пати, кога сме настапувале нѐ водела една мисла, да постигнеме што подобар резултат, да изгинеме на терен, меѓутоа тоа го правиме од љубов кон својот народ, својата татковина и се она што ние како спортисти можеме да го направиме да ја испромовираме нашата држава надвор од границите. Во последните 2-3 години постојано се прават работи кои ја поткопуваат нашата националност, нашата желба ние како спортисти да се трудиме и дадеме се од себе со една цел, да помогнеме на Македонија, нашиот народ да се радува. Се ова се прави за да се разедини, да се одвои македонскиот народ бидејќи веројатно на некого не му одговара кога македонскиот народ е обединет и кога сите навиваме за дресот на репрезентацијата. Се плашам дека во иднина ќе биде се потешко и потешко да го обединиме македонскиот народ. Не случајно, според мене, ова дојде после огромниот успех на фудбалска репрезентација на Македонија со пласманот на Европското првенство кога цела држава застана и им честиташе. Ние немаме премногу успеси во спортот како Србија, Хрватска, Словенија за да можеме да се делиме кој спорт со кого е. Ние треба сите заедно да се обединиме, да застанеме зад спортот, зад успесите и неуспесите во спортот. Сите сме сведоци дека спортот е единственото нешто кое го обединува овој народ и се надевам дека ќе престанат овие поделби, овие манипулации и извитоперување на историјата. Да не остават нормално да твориме, ние преку спортот да ја промовираме државата, уметниците преку уметноста, пејачите преку музиката, историчарите преку историјата. Сите да дадеме свој придонес во градба на државата. Се ова оди против единствениот мотив кој го имаме ние спортистите кога настапуваме за репрезентацијата на Македонија.“ – објаснува Борко Ристовски.