На 18.9.2021 (сабота) од 12:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“, РК „Алкалоид“ ќе го одигра првиот официјален натпревар против РК „Металург – РА“. РК „Алкалоид“, како новоформиран клуб, сезоната ја започнува во машката Прва лига, во која оваа сезона ќе се натпреваруваат 19 екипи.

Екипата на РК „Алкалоид“ е веќе формирана, а играчите се во полн тренажен процес и подготвени за предизвиците кои доаѓаат во ракометната сезона. Екипата е составена од млади, талентирани ракометари, кои биле дел од младинските состави на нашата ракометна репрезентација, но и дел од сениорскиот состав.
Составот на РК „Алкалоид“ за оваа сезона е следниот.
Голмани: Иван Галевски, Ѓорѓи Ерманоски, Валентино Штаковски
Бекови: Мартин Серафимов, Игор Ѓоргиев, Теодор Тодески, Олег Јорданов, Михаил Ивановски, Божидар Илиески
Кружни напаѓачи: Кристијан Симоноски, Марко Стојковиќ, Дамјан Георгиевски
Крила: Дарио Кофилоски, Александар Стојков, Мартин Димовски, Михајло Костовски
Стручниот штаб е составен од искусни ракометни експерти од нашата држава.
Главен тренер: Љубомир Савевски
Помошници тренери: Биљана Црвенковска, Бранислав Ангеловски, Влатко Котески
Кондициски тренер: Петар Баснарков
Физиотерапевт: Тошо Ристовски
РК „Алкалоид“ е формиран со цел младите таленти кои имаат потенцијал и желба за игра правилно да се насочат и да се развиваат, во насока на градење врвни ракометни играчи со позитивни животни вредности. Со организација на стручната работа, РК „Алкалоид“ ќе се стреми да им овозможи на играчите квалитетен и напреден тренажен процес, со цел нивно натамошно развивање и градење како врвни ракометари кои ќе ги вложуваат своето знаење, искуството и позитивните вредности во македонскиот ракомет.

Со меморандум за соработка е официјализирано партнерството на РК „Алкалоид“ со брендот на Кире Лазаров „КЛ7“. Со меморандумот овие два бренда здружено ќе ги остваруваат зацртаните цели на клубот. Визијата е преку ракометните школи на „КЛ7“, а потоа и преку младинските и преку сениорските екипи на РК „Алкалоид“, да се градат идните македонски ракометни репрезентативци.