Македонскиот ракометен тим Металург со нов тренер, тргнува во новата сезона, во која тимот ќе има нов лик и воедно ќе игра во ЕХФ Купот. Воедно, тимот од Автокоманда нема да игра и СЕХА-лигата, поради позицијата во мак-ракометот.

Новиот тренер Дамир Стојановиќ ќе има доста работа кога се работи за тимот. Ќе мора да го воигрува, затоа што се работи за комплетно нов состав, со досега осум нови ракометари. Од најзвучните тука се Милан Поповиќ, Реваз Чантурија, Дејан Пецаковски, Лука Вујовиќ и Даниел Ѓорѓески.

Металург ова лето го напуштија: Томовски (Лудвигсхафен), Даниловски (Охрид), Маџовски (Е.Работник), Димитриоски (Вардар), Шпенде (Загреб), Пучник (Еш), Токиќ (Ајзенах), Миличевиќ (Марибор) и Велковски (Е.Работник).

Металург овие денови ќе тренира во Автокоманда, а потоа ќе замине за Копаоник, каде од 6 до 12 август ќе ги работи висинските и базични подготовки. Во текот на подготовките Металург ќе учествува и на два турнири.

Најпрво ќе биде дел од турнирот на Чеховски Медведи, од 15 до 19 август, а потоа ќе настапи и во Кањижа, од 22 до 25 август.

Последната етапа од подготовките Металург ќе ја одработи во Автокоманда.