Тинекс Пролет се пофали дека ги продолжи договорите со Иван Џонов и со Михаил Аларов, тоа е уште една потврда за заложбите на клубот за грижа за ракометарите кои потекнуваат од сопствената школа.

Џонов и Аларов минаа низ младинските категории на клубот, потоа добија и шанса во првиот тим што максимално ја искористија, промовирајќи се во стандардни првотимци информираше Тинекс Пролет на својот сајт.

Иван Џонов беше дел од генерацијата на младинската репрезентација што стигна до шестото место на СП во Алжир, најдобар пласман на една млада селекција на „црвено-жолтите“ на големите натпреварувања.

До ланската сезона Џонов настапуваше како лево крило, но од сезонава покажа дека одлично се снаоѓа и на бековската позиција, постигнувајќи двоцифрен број на погодоци на неколку натпревари.

Одличните игри на Аларов на пивотменската позиција беа доволна препорака тој  да се појави на подготовките на сениорската репрезентација за ЕП 2020. Со квалитетот во играта, но и со борбеноста во одбраната, Аларов се наметнува како еден од најдобрите македоснки играчи на својата позиција во Супер-лигата, што беше доволна причина брзо да се договори продолжување на соработката.