Ракометарите на Вардар, денеска ќе истрчаат на теренот на Порто во натпревар од 13 коло од групната фаза во Лигата на шампионите на ЕХФ. По триумфот над Мотор Запорожје, избраниците на Стевче Алушовски го заверија пласманот во осминафиналето и следна цел е зацврстување на петото место на табелата во групата Б.

„Порто е фаворит сега на дуелот, а ние одиме без притисок и со единствена мисла – да играме, да се натпреваруваме и секако да ги искористиме шансите. Се обидуваме да не мислиме на проблемите, но најголем е тој што немаме довлно играчи за ротација, па ќе мораме да се потпреме на она што го имаме во моментов. Знам дека сите ќе се борат до крај, нема предавање – напротив ќе гледаме да бидеме на ниво со кое ќе можеме да се носиме со домаќинот.” – изјави Стевче Алушовски, тренерот на Вардар.

На првото овосезонско соочување на овие два тима во Скопје, Вардар победи со 32:27.