Европскиот ракометен првак Вардар ти предупреди своите навивачи да внимаваат од каде ги набавуваат дресовите од нивниот омилен клуб. „Црвено-црното“ семејство со соопштение до јавноста реагира и предупредува дека има многи фалцификати во продажба кои се нудат преку социјалните мрежи..

Соопштението на РК Вардар го пренесуваме во целост:

„РК Вардар реагира на незаконското користење на амблемот, дресот и името на европскиот шампион на домашниот пазар. Името и амблемот на РК Вардар, како и дресовите со кои ракометарите настапуваа во сезоната 2018/19 и на финалето на ЕХФ Лигата на шампионите во Келн се заштитени марки и не смее да се користат без согласност на клубот.
Оригиналниот дрес на европскиот шампион може да го купите единствено во официјалната продавница на РК ВАРДАР и ФК ВАРДАР – Вардар Фаншоп лоцирана во СЦ Јане Сандански и on-line на www.vardarfanshop.com.

Во периодот по освојување на шампионската титула онлајн продавниците кои функционираат преку социјалните мрежи Facebook и Instagram беа преплавени со разновидни производи што го носеа логото на Вардар, и тоа со двете ѕвезди кои симболично ги претставуваат двете шампионски титули. Копија на црвено-црниот дрес што вардарци го носеа на настапот против Барселона во Келн, што е заштитен и во Hummel, исто така незаконски се нуди на продавници кои функционираат преку Facebook.

Клубот ги предупредува и своите навивачи да внимаваат од каде купуваат брендирани производи со логото на европскиот шампион. Разновидните фалсификати се продаваат без согласност од клубот, и сакаме да Ве повикаме да помогнете во заштитата на брендот Вардар и да не купувате од лошите копии на дресовите или производите кои незаконски го носат логото на Вардар. 

Воедно сакаме да предупредиме и на незаконска употреба на името РК Вардар и амблемот на Вардар при креирање на профили и страници на Facebook и Instagram, каде се објавуваат непроверени информации за клубот, со што се доведуваат во заблуда нашите фанови и читателите воопшто. Нашата интернет страница е rkvardar.mk, додека официјалните профили на РК Вардар на Facebook и Instagram се RK Vardar, односно РК Вардар.“

ФОТО: РК Вардар