Руската ракометна федерација склучи четиригодишен договор со германскиот Србин Велимир Петковиќ, кој веднаш по отказот во Фуксе Берлин си најде нова работа.

Петковиќ доаѓа на местото на Едуард Кокшаров, кој поднесе оставка по дебаклот на „зборнаја“ на ЕП во Австрија, Норвешка и во Шведска.

„За мене ова е огромна чест. Ми се нудеа повеќе европски клубови, но јас ја одбрав репрезентацијата на Русија. Репрезентацијата имаше неуспешен настап на последното ЕП, но јас сум убеден дека според квалитетот не заостанува зад Хрватска, која се најде во финалето. Од своите колеги знам дека никој не излегува на терен против Русија однапред сигурен дека ќе победи. Сите ја почитуваат руската ракометна школа, а пред мене е голем предизвик да и ги вратам на Русија нејзините поранешни успеси“, изјави Петковиќ за официјалниот сајт на руската федерација.

Прва цел на Петковиќ ќе биде да ги мине двата баражи за настап на СП 2021 во Египет. Во првиот бараж Русија за противник ја има Турција, а здрепката за вториот ќе се влече на 9 март.

Петковиќ од 1991 година работи во Германија, а во својата кариера трипати го има освоено ЕХФ купот, двапати со Гепинген (2011 и 2012 години) и еднаш со Фуксе Берлин во 2018 година..