Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва од  20-15 часот го пречекуваат Нексе со негатива од три гола по првата средба од осминафиналето во СЕХА конкуренцијата.

Битолчани подготовени го очекуваат мечот на годината, првата средба ја загубија со 23-20, сакаат победа со четири гола разлика за прогрес во четвртфиналето.

„Верувам дека грешките од првиот натпревар ќе ги поправиме и ќе се радуваме на победата. Ќе бидеме комплетни. Јотиќ и Маџовски влегоа во тренажен процес по повредите и ќе се најдат во стројот. Што се однесува до Нексе, им се враќа Јагањац и ќе бидат посилни од првиот натпревар. Ни ние, ни Нексе не сме во натпреварувачка форма и тешко е да се предвиди во кој правец ќе се одвива натпреварот. Сепак, можам да кажам дека мора да играме агресивна одбрана и максимално трчање во текот на сите 60 минути“ – изјави тренерот Жељко Бабиќ.

Спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе биде исполнета во целост, Нексе го очекува „пекол“ во Битола, средбата започнува од 20-15 часот.