Новиот битолски прволигаш, Еурофарм Пелистер има високи амбиции во меѓународни рамки. Ова го потврди претседателот на клубот, Зоран Стерјев откако по неколкумесечните преговори и напори раководствата на Еурофарм Работник и РК Пелистер утрово постигнаа договор и градот на конзулите го доби Еурофарм Пелистер.

„Во име на РК Еурофарм Работник сакам да го искажам моето задоволство што по долги преговори стигнавме до овој момент. Според некои, долги преговори, но според мене исклучително квалитетни и тоа е најзначајното, во тоа што го правите да внесете квалитет и темелност, а времето некогаш и не е приоритет, кога треба да овозможите иднината да биде светла, особено за нешто што е многу сензитивно за Битола и битолчани, а тоа е ракометот и РК Пелистер.“ – изјави Стерјев.

Битола останува со два ракометни клуба и тоа првиот кој ќе се натпреварува во СЕХА лигата и европските натпреварување ќе го носи името Еурофарм Пелистер, додека вториот кој игра во Суперлигата ќе се вика Еурофарм Пелистер 2.

„Идејата потекна од спортски работници и поранешни ракометари кои што сметаа дека платформата на двата сегашни клубови во Битола е основа за да се направи еден поголем исчекор не само на нашите простори, туку и на меѓународен терен. Ние сме уверени во тоа дека ќе биде така и ме радува што целокупниот процес се темелеше на исклучителна транспаретнтност, на чесни идеи, а така и ќе продолжи. Основата на оваа „Платформа за ракометна Битола“ е да го вратат сјајот комплетно на битолскиот ракомет и сите да бидеме горди“. – дообјасни Стерјев.