Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва од 20-45 часот му гостуваат на Тримо Требње, средба од 5 коло во ЕХФ Лигата на Европа.

Невен Стјепановиќ смета дека Еурофарм Пелистер е поквалитетен тим, притисок секогаш постои, но победа е императив за екипата од Битола.

„Секогаш постои притисок. И кога сте поквалитетни екипа и кога не сте – секогаш постои тој притисок. Мислам дека сме поквалитетна екипа од Тримо Требње, но тие играат многу брзо, што и го покажаа против Татабања. Унгарците се многу добра екипа, а тие успеаја да ги победат. Одиме со респект, но имаме императив на победа, поквалитетна екипа сме и се надевам на позитивен резултат“ – изјави Стјепановиќ.

Битолчани според Стјепановиќ имаат далеку поквалитетен тим во споредба со лани, тоа носи оптимизам во пресрет на гостувањето кај екипата до Словенија.

„Искрено, можам точно да кажам дека имаме доста поквалитетна екипа од минатата сезона. И тогаш имавме квалитетни ракометари, но сега мислам дека тимот како тим е доста подобар. Склопивме мозаик и имаме одлична хемија во тимот. За жал немавме доволно натпревари и тоа да го покажаме. Ги покажавме добрите страни, имавме и лоши моменти, но со повеќе натпревари ќе го покажеме квалитетот“ – смета Стјепановиќ.