За првпат оваа сезона во Лига Европа, судии од Летонија ќе ја делат правдата на натпревар на Еурофарм Пелистер. Имено, Европската ракометна федерација ги одреди Иварс Цернавскис и Едмундс Богдановс за судии на натпреварот од десеттото коло на групата Д меѓу Кадетен Шафхаузен и Еурофарм Пелистер.

Дуелот во „ББС Арена“ во Шафхаузен се игра во велерва од 20:45 часот, а заради протоколите на ковид-19 трибините ќе бидат празни. Швајцарскиот првак има само еден домашен пораз (од Рајн Некар Левен), а Еурофарм Пелистер забележа гостинска победа само против Татабања (иако натпреварот се играше во Битола).

Делегат на натпреварот е Беат Нагел од Швајцарија.

Од исходот на овој натпревар ќе биде познато против кои ривали од групата Ц ќе се сретнат двата тима, кои уште од пред едно коло и математички го обезбедија пласманот во осминафиналето.