Во ракометната Бундеслига денеска се игра 19. коло.

Екипата на Балинген, во која настапува нашиот репрезентативец Филип Талески, убедливо загуби на гостувањето кај Мелсунген, со резултат 36:23 (15:11). Талески му помогна на својот тим, со еден гол од два обиди. Со овој пораз, 11-ти во сезонава, Балинген заглави на 14-тото место, три над зоната за испаѓање.

Ништо подобро не помина и Штутгарт на нашиот Жарко Пешевски, кој исто така е убедливо поразен на гостувањето кај Хановер. Штутгарт загуби со резултат 32:19 (13:8). Жарко Пешевски ги промаши сите свои три обиди. На Штутгарт ова му е 10-ти пораз во сезонава и екипата е пласирана на 15-то место, односно само две места над зоната за испаѓање.

Во 18 часот на терен ќе се појават уште тројца наши репрезентативци. Во директна пресметка, Филип Миркуловски (Вецлар) ќе му биде домаќин на Мартин Томовски (Лудвигсхафен), додека Филип Кузмановски со Магдебург е голем фаворит на гостувањето кај Нордхом.