Екипата на Вардар во рамките на последното коло од СЕХА лигата , претрпе убедлив пораз од екипата на Војводина од 33-24 на гостувањето во Нови Сад .

Вардарци иако можеби калкулираа со опција пораз , за да го избегнат Веспрем како ривал за четвртфиналето, беа убедливо поразени од домашниот тим за кого ова беше само втора победа во СЕХА лигата.

Алушовски реши да одмори голем дел од првотимците, но во секој случај разочара изданието на македонскиот првак кој и со подмладен состав не смее да си дозволи вакво фијаско против просечни ривали како Војводина.

„Црвено-црните“ беа и подобар ривал во првите петнаесетина минути од првото полувреме, откако со голот на Тимур Дибиров дојдоа до водство од 8-9. Сепак, во остатокот од натпреварот дојде до огромен пад во играта на „вардарци“ и Војводина успеа да ја превземе контролата над играта и на полувреме замина со предност од  16-10.

До крајот на натпреварот Војводина рутински ја одржуваше предноста за конечни 33-24.

Дибиров со девет и Калараш со седум погодоци беа најефикасни во редовите на Вардар, а свој ден немаше ниту голманот Кантегрел, кој прими 19 гола без ниту една интервенција.