Бранителот на европската титула Вардар денеска од Белорусија ја започнува новата сезона во ракометната Лига на шампиони (ЛШ) во која прв противник е Мешков Брест.

Двата тима повторно се во иста група како и минатата сезона, која беше прекината поради пандемијата на коронавирус.

На последното гостување во салата „Викторија“ во октомври лани во Брест, Вардар доживеа убедлив пораз од 31-22, а белорусите и вечерва ја имаат фаворитската улога.

Дополнително, сезонава Мешков влегува уште посилен во ЛШ, откако донесе неколку засилувања, меѓу кои и екс вардарецот Сташ Скубе.

Вардар замина за Белорусија во комплетен состав, вклучувајќи го и капитенот Стојанче Стоилов, кој полека се враќа во форма по прележаниот коронавирус.

Мечот започнува во 18-45 часот, а вратите во салата ќе бидат отворени за домашните навивачи.

Фленсбург и Кјелце од 20-45 часот се среќаваат  во вториот натпревар во рамки на групата А, во која уште се и ПСЖ, ПИК Сегед,  Елверум и Порто.