Вардар му се одмазди на Мотор Запорожје за поразот во Украина и во Скопје ги доби со 32:27 во рамки на Сеха лигата.

РК Вардар 1961 го одигра еден од најдобрите натпревари сезонава, како во нападот, така и во дефанзивата, ова е еден од ретките мечеви каде голманите на Вардар не примија 30 голови, иако нивниот ефект беше вкупно седум одбрани, четири за Борко Ристовски и 3 зад името на Марко Кизиќ.

Кога се головите во прашање уште еден брилијантен меч одигра Анте Гаџа, кој стрелаше осум пати, шест гола запишаа Тимур Дибиров и Гоце Георгиевски, четири имаше Стојанче Стоилов, три пати прецизен беше Иван Чупиќ, по два гола постигнаа Васко Шеваљевиќ и Кристијан Дисингер, додека еднаш во мрежата на Мотор стрелаше Глеб Калараш.

Кај Мотор најрасположени беа Вјачеслав Бокан со шест гола, како и Ајденас Маласинскас и Владислав Донцов, со по пет гола.

Инаку на првиот меч во Запорожје, во групната фаза од Сеха лигата, Мотор го победи Вардар со 30:23.