Ракометарите на Вардар нема да учествуваат на турнирот што за крајот на овој месец беше закажан во српскиот град Кањижа поради актуелната здравствена состојба со коронавирусот.

Покрај скопски Вардар, на турнирот требаше да настапат и хрватски НЕКСЕ и унгарски ПИК Сегед.

Вардар од 12 до 16 август треба да учествува на традиционалниот турнир во Струга, а тренерот Стевче Алушевски размислува и за договарање на неколку дополнителни контролни натпревари овој месец,

На 29 август е планирано во Скопје да биде одигран реванш четвртфиналниот натппревар од СЕХА лигата против НЕКСЕ, а победникот од двомечот ќе обезбеди пласман на завршниот Ф4 турнир предвиден за почетокот на септември во Задар.

„Ние се подготвуваме и го очекуваме тој натпревар.Засега нема други најави, и ја темпираме формата за тој натпервар и за Ф4 турнирот“, изјави Алушевски за клупскиот сајт. Ракометарите на Вардар до турнирот во Струга ќе тренираат во Скопје.