Во еден од денешните два натпревари од 13. коло на групната фаза на Лигата на шампионите, Барселона го совлада тимот на Цеље (25:37) и на коло до крајот обезбеди директен пласман во четврт-финалето на Лигата на шампионите, каде од поодамна е и тимот на Кил.

Во втората средба Веспрем се изнамачи против цврстиот Монпелје и извојува минимална победа (24:23), најмногу благодарејќи му на својот ветеран Штербик. Нашиот Дејан Манасков средбата ја заврши со за него скромен еден погодок.

Со оваа победа Веспрем и теоретски го обезбеди второто место во групата и за противник ќе има еден од победниците на плеј-оф натпреварите на екипите од групите „Ц“ и „Д“.

Во Лигата на шампионите преостанува последното коло, кое ќе даде одговор на сите преостанати прашања. Нашиот шампион Вардар дома ќе игра со Монпелје и од тој натпревар ќе зависи дали ќе биде петтопласиран и ќе игра со Алборг или ќе остане на шестата позиција која ќе го однесе во Сегед на дуел со Пик Сегед.