Вардар не успеа вечерва да стигне до втора победа во низа на домашен терен во ракометната Лига на шампиони, откако во меч полн со пресврти одигра нерешено 25-25 против Порто.

Вардар добро го отвори мечот во „Јане Сандански“ и имаше плус на почетокот (4-2), но првата криза дојде на средина од полувремето кога Португалците осоколени од фантастичниот Никола Митревски на својот гол  со серија од 6-0 стигна на плус 4.

Вардар се врати резултатски на 8-9, а набрзо потоа и на два пати израмнуваше на 11-11 и 12-12, за во финишот целосно да го сврти резултатот и со минимална предност да замине на пауза.

На стартот на вториот дел Вардар стигна на плус 2 (17-15), но беше повеќе од јасно дека мечот ќе оди во неизвесна завршница.

Митревски бранеше одлично на голот на Порто и мечот влезе „егал“ во финишот, а на десет минути до крајот на семафорот стоеше 21-21.

Финишот донесе пресврти на двете страни, гостите стигнаа до предност од 24-22, но следеше серија од 3-0 на Вардар за гол предност, која „црвено – црните“ сепак не ја задржаа и Порто во самиот финиш стигна до бод во Скопје.

Најефикасен во редовите на Вардар беше Иван Чупиќ со седум погодоци, Марко Вујин постигна пет, а голамот Борко Ристовски запиша дури четири голови.