Неверојатен, антологиски натпрева одиграа репрезентациите на Хрватска и на Норвешка. Се водеше вистинска ракометна војна со сите убавини што го красат овој спорт.

Беа потребни дури четири продолжувања од по 5 минути за да го добиеме патникот за финале.

Надвор од очекувањата, Хрватска беше селекцијата која во најголемиот дел од средбата имаше резултатска контрола, а нејзината одбрана не дозволи Норвешка да ја игра својата препознатлива игра. Двете селекции испуштија неколку можности да го решат натпреварот и многу порано, но за љубителите на ракометот ваквиот исход е секако најпосакуван.

Херој на натпреварот е Жељко Муса кој го постигна последниот гол, на сано 3-4 секунди до крајот.

Дувњак со 8 и Мариќ со 6 гола беа најдобри кај Хрватска, додека Сагосен со 10 гола се истакна кај поразениот.

Се на се, епски натпревар за кој долго ќе се зборува.

Норвешка – Хрватска  28:29 (23:23, 10:12, 3:3, 2:3)