Омилениот тренер на навивачите на Вардар, Веселин Вујовиќ, од наредната сезона повторно ќе ги предводи црвено-црните.

Како што пренесува српскиот веб портал „Мондо“, без оглед на конечниот исход со Борац Бања Лука и дали ќе ја освои титулата во Босна и Херцеговина , Веселин Вујовиќ ќе го напушти клубот и по третпат во кариерата ќе седне на клупата на Вардар 1961.

Исто така, можно е во „пакет“ заедно со Вујо да дојде и младиот ракометар на Извиѓач, Милош Кос кој е дел од кадетската репрезентација на Србија и игра на позицијата среден бек.

Останува само да се види дали ваквите шпекулации ќе станат реалност, дали од следната сезона Вујо повторно ќе го води Вардар 1961, и дали клубот ќе се освежи со ново засилување.

Вујовиќ има два мандати на клупата на Вардар, од 2006 до 2009 и од 2011 до 2013 година.

Темпераментниот тренер со Вардар три пати беше шампион на Македонија, три пати го освои Купот, а во сезоната 2011/2012 ја освои СЕХА лигата.