На денешниот прес пред мечот со Пик Сегед во Скопје, тренерот на Вардар Веселин Вујовиќ, говореше околу противникот, но и околу резултатската криза во која се наоѓа клубот последниов период.

Вели сака да биде реален тренер, станува збор за низа порази. Вујовиќ потенцира дека поразите дошле од Кил Алборг, Пик Сегед и Монпеље, кои според него не се слаби ривали. Се прашува што ќе се случело ако имало пораз од Мотор или од послабите ривали од другата група.

„ПИК е екипа која има проект кој трае девет години, со Пастор како тренер. Тој добива играчи кои ги сака и работи добро и долго со нив. Ситуацијата во Вардар е таква, што Михајловски се врати да не се случи фудбалското сценарио. Сепак, мора да разбереме дека ова не е Вардар од пред неколку години. Одигравме добар меч ама загубивме на свои грешки. Јас кога доаѓав во Скопје знаев дека ќе има притисок. Во првите неколку кола кога освоивме бодови, кажав: „Луѓе полека, ќе дојдат и лоши времиња“. Јас сум сигурен дека многу луѓе се реални. Желбата е едно, ама реалноста е друга. За сè е потребно време, многу повеќе ќе знам по паузата во јануари“– вели Вујовиќ.

Според него јасно е дека ПИК Сегед има квалитет и одличен тренер, но имаат и слабости.

„Не знам дали тие не нè сфатија несериозно таму, тоа ќе се види во четврток. Јас сум тренер тука три месеци, ние се воигрувавме во од, а тие се долго заедно. Притисокот кој може да ја направи публиката може да биде пресудна, како што беше и на гостувањето. Мора да ги затвориме Мартинс и Бомбач, а ако успееме во тоа заедно со Банхиди, можеме да победиме“-изјави Вујовиќ.