Британскиот тенисер Енди Мареј долго време се мачеше со повреда на колковите по што се одлучи да направи операција на нив.

Наспроти сите очекувања и најави за пензионирање, се врати на теренот. Прво заигра во двојки – со Фелисијано Лопез во Квинс каде победија, а потоа и со Серена Вилијамс на Вимблдон, каде стигнаа до третото коло. Сега Мареј полека се подготвува да се врати во сингл конкуренција и тоа би можело да се случи на 10 август кога почнува турнирот во Синсинати.

„Ако не се вратам таму, најверојатно ќе чекам да помине УС Опен. Не би сакал првиот турнир во сингл конкуренција да биде Грен Слем каде се игра на три добиени сета“, рече Мареј.

Најпознатиот британски тенисер со години имаше проблеми со десниот колк, но ситуацијата се искомплицира во 2017 година за време на Ролан Гарос.

Мораше да пропушти неколку големи турнири, а откако го откажа УС Опен, соопшти дека нема да игра до крајот на сезоната.

На крај мораше да го откаже и ланскиот Вимблдон и се врати на УС Опен и испадна во второто коло.