Еден од најдобрите тенисери во историјата, Новак Ѓоковиќ смета дека турнирите „Дејвис Куп“ и „АТП Куп“ нема да опстојат долго време и препорачува дека треба да се соединат и да се одржи едно елитно натпреварување за најдобрите осум екипи во септември.

Ѓоковиќ има 16 Гренд слем сингл титули, а во моментот е со селекцијата на Србија која во првите два меча ги совлада Јапонија и Франција во рамки на Дејвис Купот. Како и да е, во јануари претстои првото издание на „АТП Купот“ во три австралиски градови, во кое ќе учествуваат 24 машки екипи, а тоа го поставува прашањето зошто две вакви натпреварувања ќе треба да се одржат во растојание од само шест недели.

„Сигурен сум дека организаторите на „Дејвис купот“ даваат се од себе за овој турнир да успее. Има многу одговорност и притисок врз нив, бидејќи тоа е најтрадиционалното и историско тимско натпреварување во нашиот спорт. Сè треба да биде совршено. Определувањето датуми за турнирот секогаш предизвикува прашања, во случајов за „Дејвис Купот“ и „АТП Купот“. Според мене, најдобро решение е да се спојат двата турнира. На долг рок, лично, не мислам дека двата турнир ќе можат да постојат одделно, разделени само од шест недели“- коментира Ѓоковиќ.

Наградниот фонд на „АТП Купот“ е 15 милиони долари, а „Дејвис купот“ одвојува околу 18 милиони долари и уште 9 милиони долари на федерациите кои учествуваат.