Сензационалната 15-годишна тенисерка, Кори Гоф, се пласираше во осминафиналето на Вимблдон со победата над Полона Херцог со 2-1 во сетови, а младата американка изненадува на теренот со својата смиреност и концентрација.

„Кога влегував на теренот не бев воопшто нервозна. Размислував за тоа дека сум на централниот терен, свето место во тенисот. Кога губев со 5-2 во првиот сет, знаев дека можам да се вратам, морав добро да сервирам, да земам брејк и потоа да видам што ќе се случи.“ – истакна Гоф по мечот.

Запрашана дали ова беше најдолгиот меч кој го има одиграно, Гоф одговори:

„Не знам, не бев премногу уморена, можев уште да играм. Видов како мојата противничка е заморена, знаев дека тоа во еден момент ќе се случи, го очекував тоа. Млада сум и имам многу енергија, навикната сум со јуниорите некогаш да играм и по два натпревари во еден ден. Родителите ми велат, остани смирена и концентрирана бидејќи турнирот се уште не е завршен. Се радувам на тоа што ќе настапам во осминафиналето.“ – заклучи младата американка.