Веста дека Горан Иванишевиќ е новиот тренер на светскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ одекна силно во светот на тенисот.

Хрватскиот поранешен тенисер во разговор за Спорт Клуб објаснува како дошло до соработката која започнува на Вимблдон.

„Беше неочекуван повик, се случи пред неколку дена и се изненадив. Ноле сакаше да дојдам порано, но имав сениорски турнир во Шведска кој претходно го договорив. Тоа го завршив и сега стигнав на прв тренинг. За жал изгледа овде ќе бидам само првата недела. Повторно имам обврски кои се обидувам да ги одложам, но толку работи има…Сепак кога те бара еден Ѓоковиќ, тогаш многу работи се оставаат настрана.“ – објаснува Иванишевиќ.

Тој додава дека повикот од Ѓоковиќ е за него големо признание, бидејќи вели, Ноле не те избира бидејќи си му драг, туку ако можеш да му помогнеш.

„Мило ми е дека мене ме избраа и Вајда е согласен со тоа. Првиот тренинг помина супер, се надеваме дека соработката ќе потрае. Ова е некој вид запознавање. Малку поразговаравме за погледот кон некои работи, техниката. Мислам дека Ноле е прв фаворит. Ако се биде во ред, мислам дека ќе ја одбрани титулата.“ – открива Иванишевиќ.