Шпанскиот тенисер Рафаел Надал не ја започна најдобро 2021 година, повредата на грбот го спречи да настапи на АТП купот, а немаше баш најуспешен настап ниту на Австралија опен.

Стигнуваа различни информации дека има мистериозна болест на коските, а во меѓувреме ги откажа и настапите во Ротердам и Акапулко.

На ваквите гласини одлучи да се огласи токму Надал, во изјава за бразилските медиуми, каде вели дека нема намера во брзо време да се пензионира.

„Немам планови на да се пензионирам. Додека сум здрав и способен да се натпреварувам, ќе продолжам да уживам во тенискиот живот и понатаму, 100 проценти. Така јас го гледам спортот. Најважна работа е да бидеш запаметен како добра личност, на крајот тоа е најважно. Титулите, моментите за сеќавање минуваат, се минува. Но, личноста која што сте останува во паметењето, тоа е најважно“– порача Надал.

Многумина сметаат дека Шпанецот е далеку од некогашното свое ниво и дека веќе не конкурентен за Гренд слем титули. Моментално ги има 20, исто колку и Роџер Федерер, додека трет во моментов е Новак Ѓоковиќ, кој има 18 трофеи.