По поразот на мастерсот во Шангај, Новак Ѓоковиќ изјави дека до крајот на годината ќе игра само уште на мастерсот во Париз, а потоа и на завршниот во Лондон.

Ако Србинот остане на овој став и не бара вајлд карта за некој од турнирите каде не е пријавен, веќе на почетокот на ноември ќе мора да ја предаде круната.

Според сегашната ситуација, Новак на 4 ноември може да остане без светскиот број еден бидејќи тоа ќе биде првата листа по мастерсот во Париз. Тој ден се бришат и поените од минатогодишниот мастерс во Лондон. Ова инаку е едно натпреварување во календарот за кое бодовите излегуваат пред истото да започне.

Ноле на 4 ноември губи 1.600 поени, а неговата предност во однос на Надал е само 320 поени. Дури и доколку во Париз освои титула, може да врати само 1.000 поени што не е доволно.

Ѓоковиќ ќе може две недели подоцна да се врати на врвот, но само ако во Лондон освои доволен број поени.