Некогашниот тренер на Роџер Федерер, Пол Анакон изјави дека е импресиониран од Рафаел Надал и би бил изненаден доколку Шпанецот следната сезона не освои барем уште една Гренд Слем титула.

„Не гледам како не би стигнал до 20 Гренд слем титула. Рафа ќе биде фаворит за титулата на Ролан Гарос додека не ќе може да оди. Надал продолжува да ме импресионира. Мислам дека клучна работа кај него е едноставноста. Знае што не може да контролира, а што може и мислам дека тоа доста му помогна во кариерата“- вели Анакон за „Њујорк Тајмс“.

Надал по петти пат во кариерата ја заврши годината како најдобар тенисер во светот, а круна на истата имаше минатата седмица кога со Шпанија стигна до нова „Салатера“ во Дејвис Купот.