Вечерва на Eurosport 2 ќе може да се проследи хуманитарниот меч меѓу Роџер Федерер и Рафаел Надал, кој ќе го сруши светскиот рекорд според бројот на посетители на еден тениски меч.

Мечот ќе се одигра во Кептаун, Јужноафричка Република, на стадионот „Капе Таун Стадиум“, чиј капацитет е 55000 гледачи. Поради огромниот интерес, организаторот обезбеди уште 2670 дополнителни места. Со тоа, овој меч ќе влезе во тениските анали како најгледан тениски меч во историјата.

Самите влезници наводно се продадени за само 9 минути и се очекува добивка од 1 милион евра, кои преку хуманитарниот фонд на Федерер ќе одат во полза на децата на Африка.

Еден саат пред двобојот меѓу Федерер и Надал, ќе се одржи и необичен меч во двојки. Федерер ќе игра заедно со милијардерот Бил Гејтс, а против нив ќе настапат Рафаел Надал и комичарот Тревор Ноа.

Инаку, и претходниот светски рекорд повторно е врзан со Федерер. Имено, во ноември Федерер одигра меч со Александар Зверев во Мексико Сити, а го гледаа 42517 љубители на стадионот „Плаца Мексико“, кој всушност е најголемата светска арена за корида.

Мечот во Кептаун ќе почне во 19.30 часот.