Вториот тенисер на светот Данил Медведев се мачеше во осминафиналето против Италијанецот Фабио Фоњини. Но, не беше Фоњини најголем проблем за Русинот, кој мина понатаму со 6:2, 3:6, 6:2, туку проблем беше топлото време и големата влажност.

Во еден момент судијата на мечот Карлос Рамос забележа дека Медведев не се чувствува добро, па го праша дали може да го заврши мечот.

„Можам да го завршам мечот, ама можам и да умрам. Кој ќе преземе одговорност ако умрам“– праша рускиот тенисер кој и порано се побуни што мечевите се играат на голема вруќина, а не во вечерните термини.

„Смешно ми е што имаме само една минута за менување на страните после секој втор гем. Тоа е ужасно, би требало да биде барем минута и пол како што е на АТП турнирите.“

Претходно играњето на вакви температури го критикуваше и најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, а шпанската тенисерка Паула Бадоса доживеа топлотен удар, го предаде мечот од четвртфиналето и со инвалидска количка го напушти теренот.